Средниот бек на Пролет кој неколку сезони наназад игра во одлична форма, Ласко Андоновски, го мина првиот филтер на списокот на Раул Гонзалес, па ќе се појави на првата прозивка на репрезентацијата, во обид да се избори за место во составот за Мундијалот во Германија и во Данска.
„Презадоволен сум што се најдов и на тој скратен список на селекторот, што ми дава шанса да се борам за место на СП. Знам дека нема да биде лесно, пред нас е напорен период на тренинзи, но ќе сторам се што е во моја моќ за да го убедам стручниот штаб во моите квалитети“, истакнува Андоновски за клупскиот веб-сајт.
Позицијата среден бек е најдефицитарна во македонскиот национален тим по заминувањето „во репрезентативна пензија“ на Миркуловски и на Прибак, по што сега се отвора простор за Андоновски и останатите помлади ракометари да се наметнат за репрезентативниот дрес.
„Секако дека ќе недостига искуството на Миркуловски, тој е играч што со своите квалитети, но и со карактерот што го поседува остави силен печат врз македонската репрезентација со години наназад. Смената на генерација стана неопходна и добро е што ни се укажува шанса да се бориме за место во репрезентацијата, но исто така и ни е јасно колкава обврска е тоа само по себе, на едно големо натпреварување како што е Светското првенство“, вели капитенот на Пролет.
Првиот собир на националниот тим е денеска со почеток во 16:30 часот, а потоа од 18:00 часот ќе биде одработен и првиот тренинг во СЦ „Борис Трајковски“.


