Червар: Нов Балиќ не се создава по биртии, туку на терен!

Лино Червар го објави списокот на 28 играчи, од кои ќе се бараат 16 кои ќе бидат дел од селекцијата на Хрватска на претстојниот Мундијал во Германија и Данска, а „коцкестите“ се во групата со нашата репрезентација.

Поранешниот селектор на Македонија, смета дека Хрватска не е фаворит на СП и дека од втор план може да се надеваат на висок пласман.

„Групата не можеше да биде потешка. Но тоа е нашиот пат и нашата судбина. Нека биде така. Ќе кажам нешто што на многумина нема да им се допадне. Ние не сме фаворити. Ние сме репрезентација во најтесен круг за медалите. Првпат по 15 години Хрватска ќе го бара својот пат од втор план, од сенка. Нашата основна цел е да направиме што подобар резултат и се пласираме на ОИ во Токио. Немаме од што да се срамиме. Тука сме каде што сме. Колку му даваме на ракометот, толку ни враќа. Кон ракометот се однесуваме мазохистички и сметам дека имаме фантастични резултати со оглед на вложувањата и тоа колку го цениме ракометот. Некогаш сме први, некогаш втори, некогаш трети, некогаш петти, но секогаш сме тука, близу врвот. Никој не може да се пофали со тоа. Секако, свесни дека ја немаме онаа генерација која во 2003 година направи чудо. Во две од последни на ЕП до први на СП и ОИ. Меѓутоа, нови Балиќ и Метличиќ, не се создаваат по биртиите, туку на теренот. Некои луѓе во Хрватска тоа мора да го сфатат“, вели Червар.

Македонија и Хрватска ќе се соочат на 14 јануари во „Олипија Хале“ во Минхен со почеток во 18:00 часот.