Лазаров и Нант сигурни против Ним, остануваат на врвот во Франција

Ракометарите на Нант по ремито кај Целје во Лигата на шампионите, се вратија на победничките патеки и славеа на Ним во францускиот шампионат. Избраниците на Тјери Анти беа во негатива во првиот дел, но во второто полувреме го свртеа резултатот во своја корист и запишаа победа со 25-30.

Ним во неколку наврати имаше +3 во првото полувреме, но крилата Ривера и Балагер го вратија Нант во игра и на пауза се замина со нерешено, 16-16. Одбраната на чело со голманот Сифер беше одлична во вториот, Клер и Делекруа погодуваа, па му немаше спас на домашниот тим.

По 18-19 во 35. минута, почна серија од седум неодговорени голови од Нант за убедливи 18-26 и тука беше ставен крај на дилемата околу победникот. До крајот искусниот гостински тим само рутински ја одржа предноста и победи со конечни пет разлика, 25-30.

Кире Лазаров не играше премногу на овој натпревар и постигна еден гол од два обиди, а најефикасни беа шпанските репрезентативни крила Балагер и Ривера со по шест погодоци.