Млада надеж на португалскиот ракомет доаѓа во Нант

Екипата на Нант, официјално го објави доведувањето на португалскиот талентиран лев бек, Александре Чавалканти кој доаѓа од Бенфика.

Овој талентиран играч ќе му се придружи на својот нов тим во јули 2019 година, а договорот кој го потпиша му важи до 2022. Инаку, овој играч сезонава на девет натпревари постигна 46 голови во домашниот шампионат и ЕХФ купот.

Неговиот нов тренер, Тјери Анти не го крие задоволството од новото засилување и го долови неговите квалитети.

„Без разлика што е многу млад, Александре е веќе гледан како извонреден играч за иднината на португалскиот ракомет. Може да одигра во дефанзива, знае да постигнува погодоци и е добар асистент. Исто така прикажа одлична партија во предсезонскиот дуел кој го игравме против Бенфика и сум многу среќен што Александре ќе биде наш играч наредната сезона“, вели Анти.

Новото засилување на европскиот вицепрвак, моментално е со својата репрезентација која ја очекуваат две средби од квалификациите за Европското првенство, против Романија и Латвија.