Екипата на Нант вечерва ја забележа петтата победа по ред во најсилната лига на Франција. Жртва беше Трембле кој на домашен терен не успеа да го спречи налетот на гостите и загуби со 28:32.
Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кирил Лазаров на оваа средба имаше помала минутажа, а натпреварот го заврши со само еден постигнат гол.
Сосема изненадувачки почетниот налет го имаше Трембле. Во првите минути успеа да направи водство од 5:2. Домаќините не успеаја да ја задржат предноста и откако Нант ја сврте играта на својата страна успеа и да дојде до предност.
Првиот дел заврши со водство од 17:13 во корист на Нант, а ова водство му донесе мирен втор дел на гостинот и сигурна завршница на натпреварот. Валеро Ривера беше играчот кој беше најдобар реализатор и погоди шестпати. Добра вечер имаше и голманот Сирил Думолан кој собра 12 одбрани
Со оваа победа Нант остана на врвот на табелата со десет освоени поени исто колку и Шамбери, но европскиот вицепрвак има подобра гол разлика.


