Голманот на репрезентацијата на Македонија, Борко Ристовски во следната сезона ќе настапува во редовите на Бенфика, а тоа е гаранција дека ќе ја има минутажата која сигурно ќе ја зголеми уште повеќе неговата сигурност на голот. Од ова голема корист ќе има и репрезентацијата на Македонија.
На Светското првенство ќе има тешки противници, а Ристовски е еден од играчите кои настапиле голем дел од натпреварувањата и добро знае како е да се игра против секој од противниците. Има по неколку пресметки со Шпанија, Хрватска и Исланд, па тоа искуство ќе биде драгоцено.
„Немавме многу среќа во оваа ждрепка, но на ваквите натпреварувања мора да се игра против секој состав и секогаш да се даде максимумот. Хрватска е репрезентација која ја познаваме добро. Имаме одиграно неколку натпревари. Можеби имаат поквалитетен тим од нас, но имаат и промена на генерација. Сепак, тоа е селекција со која ќе можеме да се надигруваме. Истото важи и за Исланд. И ова е составот против кој ќе имаме наши шанси. Шпанија тука е во предност. Се виде и на последното Европско првенство дека ни оди тешко против оваа селекција. Имавме проблеми особено со нивната одбрана и контра. Затоа нашето внимание ќе мора да се концентрира на дуелите со Хрватска и со Исланд“, вели Ристовски за 24 Ракомет.
Тој смета дека секој противник ќе мора да биде сфатен максимално сериозно и нема да смее да се остава на случајноста. Воедно знае и дека против дел од ривалите во првиот круг ќе мора да се потврди улогата на фаворит, а против другите да се оди на важни бодови.

„Не смееме никого да потцениме, ниту, пак, да преценуваме. Јапонија и Бахреин сигурно имаат свои квалитети, но реално ние сме поквалитетни од нив. Верувам дека на ова првенство ќе бидеме максимално подготвени. Раул си ја знае одлично својата работа и сигурно ќе направи добра подготовка, па на првенството ќе отидеме со максимална подготвеност за сите ривали и ќе можеме да го дадеме максимумот“.
Што се однесува до враќањето на стариот формат исто така има свое гледање на работите и верува дека тоа може да биде и позитивно.

„Овој пат три селекции одат понатаму. Тоа колку е добро толку е можеби и лошо. Ваквиот систем ќе не држи постојано сите во тензија и ќе мора на секој дуел да се оди по бодови. Сепак, мораме против секого да се обидеме да победиме, а верувам дека ќе можеме да се надигруваме и со Хрватска и со Исланд и да освоиме бодови за во вториот круг“, рече Ристовски.
Веќе е познато дека првиот меч Македонија ќе го игра против Јапонија на 11 јануари, а потоа доаѓаат Бахреин, Хрватска, Шпанија и на крајот Исланд на 17 јануари.


