Изминатиот месец во француското финале на Ф4 турнирот во Келн во Лигата на шампионите, Монпелје триумфираше против Нант со резултат 32:27, а во тој завршен спектакл македонскиот репрезентативен десен бек Кирил Лазаров беше прв стрелец во редовите на Нант со шест постигнати голови.
И покрај поразот, избраниците на тренерот Анти направија голем историски успех, а шанса да му се реваншираат на Монпелје ќе имаат на турнирот „Трофеј на шампионите“ на почетокот на септември.
Според програмата на 1 септември тимот на Нант кој ја брани титулата од минатата година во полуфиналето ќе се сретне против Монпелје, додека ПСЖ кој пак ќе биде предводен од новиот тренер и досегашен стратег на Вардар, Раул Гонзалес, ќе ги одмери силите со Ст. Рафаел.
Финалниот меч и борбата за третото место се закажани следниот ден.
Екипата на ПСЖ ја освои титулата во првенството на Франција, пред Монпелје, Нант и Ст. Рафаел. Воедно овие четири екипи беа дел од двата фајнл-фор турнири во европските купови. ПСЖ, Монпелје и Нант играа во Лигата на шампионите, додека Ст. Рафаел беше на Ф4 турнирот во Купот на ЕХФ.
Ланската титула на Нант во „Трофејот на шампионите“ беше прва за нашиот Лазаров во новите клупски бои, откако во финалето со 32:26 го совладаа гигантот ПСЖ, па сега ќе треба истата и да се одбрани.


