На последниот ден од Европското првенство во Хрватска ќе бидат одиграни два натпревари, на кои ќе има распределба на медалите. За некого можеби неочекувано во битката за злато ќе играат Шпанија и Шведска, кои не беа во најтесен круг за подиумот.
Во мечот за третото место ќе играат Франција и Данска, можеби најголемите фаворити за златниот медал. Но еден слаб ден на „експертите“ беше причина за поразот од Шпанија, додека Данска загуби по продолженија во драматичен натпревар од соседот Шведска.
„Фуријата“ играше релативно добро во прелиминарната фаза. Беа убедливи на стартот против Чешка, славеа и над Унгарија без поголеми проблеми, а потоа загубија од Данска во третото коло и со само 2 бода се пласираа во главната рунда.
Но тука немаа милост за Македонија, па одиграа катастрофално против Словенија, за на крај да го победат и европскиот шампион Германија и со тоа да го обезбедат своето место во полуфиналето. По повредата на Де Варгас, на располагање се стави Штербик, кој е голем адут во битката за злато.
Шведска на стартот беше разбиена од Исланд, но потоа ги победи убедливо домаќинот Хрватска и Србија. „Рибарите“ не се пласираа во следната фаза, па тој пораз не се броеше. Во главната рунда загубија од Франција и од Норвешка, но во кругот на три селекции со ист број бодови беа најдобри.
Голманите Паличка и Апелгрен се одлични на ова ЕП, додека на секој натпревар блеснува различен ракометар. Толбринг, Нилсон, Готфридсон, Јакобсен или Екберг, секогаш има некој расположен за постигнување голови.
Доколку Шпанија слави, тоа ќе биде прва титула на ЕП, по четирите сребра и двете бронзи, додека ако победи Шведска тоа ќе биде петта титула, по оние во периодот од 1994 до 2002. Финалето се игра во 20:30 часот, додека мечот за бронза меѓу Франција и Данска е во 18:00 часот.


