Македонската младинска репрезентација на крајот на Мундијалот заврши на шестата позиција. Иако избраниците на Темелковски загубија од Унгарија со 22:26сепак со тоа е подобрен најдобриот мундијалски успех досега во колективните спортови, а тоа беше седмо место на сениорките од СП во Германија пред 20 години. Талески, Кузмановски, Нелоски им оставија одличен резултат на идните генерации, кои ќе мораат добро да се потрудат за да го надминат.
Дуелот со Унгарија тргна добро за нас, па по играта гол за гол до 4:4, се одлепивме на 6:4. Водеше Македонија и со 7:5, имавме шанса на два пати и за плус 3, но не ја погодивме мрежата. По 7:5 со голот на Кузмановски, тргна унгарската серија од 3 гола за 7:8. Беше 8:8, па 9:9, пред да тргне новата серија за предност на Унгарија со 9:12, а на пауза се замина со 11:14.
Во вториот дел по неколку „посни“ минути, Унгарците се одлепија на 12:17, па Темелковски викна тајм-аут. Велковски со 2 брзи гола намали на 14:17, па во следниот период се играше гол за гол, и водството од 3 гола за Унгарија остана, 15:18, 16:19, 17:20. Димитриоски во 48 минута конечни спушти на минус 2, 18:20.
Томовски фати неколку топки во серија, но истото беше и на спротивната страна, па негативата не ја намаливме. Левиот бек Лигетвари погодуваше од сите позиции, па Унгарија пак стигна до плус 5, 19:24 на 5 минути и веќе немаше назад. Конечниот резултат беше 22:26. Со овој натпревар се заокружи кариерата во младинските категории на Талески, Нелоски, Кузмановски, Крстевски, но останатите ќе имаат шанса на некое следно големо натпреварување да го надминат овој резултат.


