Шок за бранителот на титулата: Данска во финале преку фаворитот Франција

По осминафиналната елиминација на светскиот вицепрвак од кадетското првенство 2015 година, репрезенацијата на Словенија, второто изненадување на турнирот го приреди репрезентацијата на Данска. Младите дански ракометари се враќаат во врвот на светскиот ракомет и ќе играат во финалето на мундијалот со победата над Франција во првото полуфинале од 34-37.

По израмнетите 13 минути, Данска прва дојде до предност од два гола, а веќе по 22 минути водството се дуплираше за највисоки 10-14 во првиот дел. До крајот на полувремето Франција не дозволи, противникот предвреме да прослави победа и се врати на негатива од минимален гол за конечни 16-17.

Четири минути во вториот дел беа доволни за ново израмнување на резултатот, но и покрај тоа Данска ја имаше иницијативата и предноста на овој дуел. Во возбудлива завршница контролата над играта им припаѓаше на скандинавците. Со два гола во низа и израмнувањето во 57та минута Франција фати залет, но не го искористи моментот. За 90 секунди Французите примија дури три гола за славје на спротивната страна и прво финале за оваа генерација дански ракометари.

Одличната тактика на данскиот стратег, со истиот рецепт кој го користеа сениорите на Олимписките игри со нападот 7 на 6, ги оправда очекувањата на нивната федерација. Откако беа седмопласирани на светското кадетско првенство 2015, а на европското младинско првенство 2016 завршија како шестопласирани, сега Данска е во самиот врв и за најсјајниот медал ќе се бори утре од 19 часот, против подобриот од вториот полуфинален дуел меѓу Германија и Шпанија.

Големо разочарување за оваа генерација на Франција предводена од Ричардсон и Мем, која е актуелен светски првак во кадетска конкуреницја од мундијалот во Русија 2015 година. Триколорите играа променливо на овој турнир, но доволно да озбезбедат место меѓу четирите најдобри репрезентации во светот.