Темелковски: Oваа репрезентација има квалитет, момците покажаа дека заслужуваат повеќе!

Македонската младинска репрезентација утре ќе го игра последниот натпревар на Мундијалот во Алжир. Дуелот против Унгарија ќе значи борба за пласман на петтото место во светот, веднаш зад Шпанија, Франција, Данска и Германија. Во пресрет на последниот натпревар, селекторот Темелковски е задоволен од досега постигнатото.

„Поминавме многу денови тука, уште еден па ќе заврши Мундијалот. Утре според програмата ќе се одигра прво мечот за седмо место, па играме ние за петто место, пред финалните натпревари. Одигравме досега осум натпревари, ни преостанува уште утрешниот дуел со Унгарија. Одлично СП ќе биде зад нас. Првичната цел беше да бидеме втори во група, да ги избегнеме Хрватска и Исланд, иако овде сите се силни селекции, тоа го направивме. Одигравме доста зрело на осминафиналето со Алжир, наидовме на една силна Франција, не можевме ништо да сториме, па ни преостана да разигруваме од 5 до 8 место. “ – вели Темелковски.

По денешната победа над Русија, македонската младинска репрезентација го врати победничкиот дух.

Успеавме повторно да ја победиме Русија, можам да кажам дека не само што ја победивме туку ја декласиравме, но веќе утре играме со Унгарија во последниот натпревар на ова светско првенство за нас.

Следен и последен против на македонските младинци ќе биде селекцијата на Унгарија, која имаше блскави партии, но и високи порази.

„Распоредот е таков да немаме време да се израдуваме на резултатот кој го постигнавме. Следен противник ни е Унгарија. Своите натпревари од групната фаза ги играа во другата сала и не ги следевме нивните игри. Сега нашите мисли се насочени кон тој дуел. Играме утре веднаш по натпреварот за 7. место. Унгарија е една сирова репрезентација, која покажа дека има квалитет. Ќе дадеме сè од себе утре да го завршиме турнирот со победа.“ – продолжува Темелковски.

Македонија на крајот на Мундијалот ќе биде најмалку на шестата позиција што не е воопшто резултат за потценување, но прашањето е дали можевме повеќе.

„Можевме и повеќе, оваа репрезентација има квалитет, момците се херои и мислам дека покажаа дека заслужуваат повеќе, дека припаѓаат во врвот на светскиот ракомет. Мило ми е што добивме квалитетни ракометари кои може да се носат со Кире, Борко и останатите сениорски репрезентативци. Направивме добар резултат со овие млади момци кои се наследници на онаа генерација што наскоро ќе ја заврши својата кариера.“ – заврши Темелковски.

На минути до крајот на првиот полуфинален дуел меѓу Франција и Данска, додека Данците имаа предност, македонскиот селекторот истакна дека модерниот ракомет е таков не признава фаворити, затоа само можеме да жалиме за пропуштените шанси свртени кон новите предизвици.

Веќе еден од најголемите предизвици не очекува утре кога македонската ракометна репрезентација ќе го одигра натпреварот за петто место против Унгарија.