Најголем мундијалски успех во сите колективни спортови! Младинците ќе играат за петто место на СП

Македонската младинска репрезентација покажа дека убедливиот пораз од Франција во четвртфиналето не е реален однос на силите, па во првиот меч од разигрувањето од 5 до 8 место славеше убедливо против Русија со 36:27. По овој триумф, македонските „лавови“ ќе играат против победникот од дуелот Унгарија – Тунис за пласман на петтото место во светот, што воопшто не е мала работа.

Русија поведе само на стартот со 0:1, а потоа се беше во знакот на Македонците. Покажуваше „зборнаја“ знаци на живот до 4:4, потоа намали и на 6:5, но оттогаш тргна македонската „фурија“. Погодуваа буквално сите ракометари, Нелоски, Кузмановски, Талески, Лазаревски, Јагуриновски, Палевски, Велковски, па дури и голманот Томовски се запиша во листата на стрелците за „чиста десетка“ и убедливи 21:11 по првото полувреме.

Во второто полувреме Русија не можеше да погоди 6 минути, а Македонија стрелаше во серија за плус 14, 25:11. Темелковски на терен ги внесе играчите со помала минутажа, но тоа не се забележа многу во резултатот, иако Русија намали на минус 11, 29:18. И покрај високата негатива Русите играа многу грубо во одбраната и немоќта ја искажуваа преку намерни стартови, па си заработија и два црвени картони.

До крајот се играше опуштено и не се внимаваше многу на одбраните па се постигнаа многу голови за конечни 36:27. Филип Кузмановски беше наефикасен во македонскиот состав со 7 голови, Давор Палевски и Велковски постигнаа по 6, додека Талески и Лазаревски беа стрелци на по 4 голови.

По оваа висока победа, Македонија ќе го чека исходот од дуелот што се игра од 16 часот меѓу Унгарија и Тунис, а со победникот од тој двобој ќе игра утре во борбата за петтото место и за уште поголем мундијалски успех од загарантираното шесто место, кое е подобро од седмото место на сениорките на СП во Германија 1997 година.