По убедливата победа над Русија со 36:27 во првиот меч од разигрувањето за пласман од 5 до 8 место на Мундијалот во Алжир, владее големо задоволство во македонскиот табор, како и во целата ракометна јавност. Еден од лидерите во нападот Филип Кузмановски вели дека оваа генерација конечно го покажа целиот свој потенцијал.
„Зборувавме меѓусебе по загубениот дуел со Франција и се договоривме дека ќе го играме мечот со Русија со полна концентрација и сила, ладна глава и без притисок. Знаеме дека Русите беа нашите први противници на ова СП, па затоа најмногу ги имавме анализарано нив. Знаевме како играат, ги знаевме сите нивни потези и акции, и немаа со што да не изненадат. Ова ќе биде историски пласман за македонскиот ракомет на некој Мундијал и ние сме многу среќни што сме првата генерација на која и успеало такво нешто. Оваа генерација и порано ветуваше многу, но не ги исполнивме тогаш сите очекувања. Но сега си докажавме и себе и на другите, дека можеме многу повеќе. На хартија, знаевме дека сме талентирана генерација која може да оди далеку на големите натпреварувања, но не го покажувавме тоа се досега. Драго ми е што донесовме историски пласман и го посветуваме на сите Македонци, кои се надевам дека ќе продолжат да не поддржуваат максимално.“ – изјави Филип Кузмановски.
Мечот против победникот од дуелот меѓу Унгарија и Тунис се игра утре со почеток во 14 часот.


