Машката младинска репрезентација на Македонија загуби во четвртфиналето на Мундијалот во Алжир од Франција со 33:17. Избраниците на Илија Темелковски во првиот дел имаа многу технички грешки, а тогаш „триколорите“ ја направија и клучната предност, што во второто полувреме само ја одржуваа, односно ја зголемуваа.
Се играше гол за гол на стартот, до 3:3, пред да почнеме со технички грешки во нападот и да им дозволиме на Французите со лесни голови од контри и полуконтри да стигнат до 6:3. Велковски и Нелоски набрзина вратија за 6:5, а имавме шанса и за реми, но две грешки во додавањата и Лене даде гол за 7:5 во 16 минута.
Беше и 9:6, па 10:7, 11:8, пред „триколорите“ да стрелаат уште два пати во пред во мрежата на солидниот Томовски за 13:8 и највисоки плус 5. На пауза се замина со истата разлика, а резултатот беше 14:9 во корист на Франција.
Милан Лазаревски го отвори вториот дел со гол за 14:10, но Франција се врати на плус 5, 16:11. Димитриоски и Кузмановски ја намалија негативата на 16:14, а Шилегов стрелаше за 17:14. Но, десниот бек Ричардсон беше незадржлив за одбраната, и погодуваше во серија за 21:15 во 44 минута.
Судиите се чини погрешија во два наврати во одлуките на наша штета, а „триколорите“ знаеја како да го искористат тоа, па во 47 минута стигнаа и до 22:15. Постот на Македонија траеше цели 9 минути, пред Петровски да погоди за 26:16. Кога веќе се беше готово, шанса добија сите од клупата, а серијата на Франција беше 14:1, за конечни 33:17.
Македонија по денот одмор, в сабота во 12:30 часот ќе игра со поразениот од дуелот меѓу Данска и Русија, а во зависност од исходот на тој дуел, ќе се знае дали в недела ќе игра за пласман на 5 или 7 место на Мундијалот во Алжир.


