Лице во лице: Фаворитот Франција против изненадувањето Македонија!

Македонија за прв пат во својата историја ќе настапи во четвртфинален дуел на едно младинско првенство во ракомет. Оваа генерација докажа дека вреди повеќе, но на патот кон историјата ќе им застана најтрофејната генерација на овој мундијал, репрезентацијата на Франција. Натпреварот започнува од 19:30 минути.

Доколку го споредиме педигрето на двете репрезентации оваа генерација на Франција делува супериорно. На Европското кадетско првенство во 2014 додека Македонија се бореше да го избегне последното место, Франција обезбеди златен медал елиминирајќи ја Унгарија во финалето. Во друштвото четири најдобри репрезентации се пласираа и Данска и Шпанија.

Година подоцна оваа генерација ракометари на Франција се искачи и на светскиот врв со победа над Словенија во финалето на Светското кадетско првенство во Русија 2015 година, додека македонските надежи не успеаа да обезбедат пласман на мундијалот. Во 2016 година, македонската ракометна селекција повторно играше на континенталниот собир, но младите надежи не беа на висина на задачата и завршија на претпоследната позиција во Данска. Својата колекција златни медали не успеаа да ја продолжат ниту Французите кои на патот кон финалето на Европското младинско првенство 2016 година, беа елиминирани од Германија и затоа мораа да се задоволат само со бронзата.

Но историјата покажала дека изненадувањата се честа појава во спортот, а само на ова Светско првенство системот на ИХФ веќе ги елиминираше фаворитите Словенија и Хрватска,а во борбата за медали нема да ги има ниту Норвешка, ниту Исланд.

Според статистиката на мундијалот во Алжир, Македонија на ова првенство е поуспешна во неколку сегменти. Така Франција е поуспешна во реализација на ударите од поле за неполн процент (57,1 % за Франција и 56.2 за Македонија), во ударите од крилни позиции двете екипи се изедначени, а на линијата за шест метри Македонија е во предност (67,2 % Франција, 74,2% за Македонија). Од контра напад Французите се поуспешни од Македонија за седум проценти, а разлика има и во процентот на одбранети удари односно голманите на Франција имаат 39,6% успешност,  а македонските голмани се застанати на 25,7 %.

Ракометот е игра во која 60 минути одлучуваат која од двете екипи ќе дојдат до победата. Македонија оди по изненадување, додека Франција сака потврда на својот статус во ракометот.