Младинската машка репрезентација на Македонија вечерва со почеток во 21 часот ќе го одигра вториот натпревар на Мундијалот во Алжир. Откако во 1 коло, бевме подобри од незгодната Русија со 29:22, сега не би требало да имаме проблем да оствариме нова убедлива победа, со оглед на тоа дека противник е Буркина Фасо.
Африканската репрезентација во првото коло претрпе висок пораз од Тунис со 50:17, а во текот на мечот имаа само 1 асистенција, но имаа вкупно 12 одбрани на голманите. Шутираа со низок процент на ефикасност, а исто издание треба да се очекува од нив и вечерва.
Ова е прво учество за Буркина Фасо на еден Мундијал, во било која возрасна категорија во двете конкуренции, а интересно е дека и машката сениорска репрезентацја на оваа земја во историјата на Африканските првенства има играно само еднаш.
„Сите играчи се млади таленти и подготвени да се борат за Буркина Фасо, иако технички и физички имаат уште многу да работат. Сите се волонтери и аматери, но знам дека кога ќе ја чујат химната пред стартот на натпреварите, ќе има многу емоции на теренот.“ – велат од стручниот штаб на африканската земја.
Пикерот Филип Арсеновски веројатно ќе добие поштеда на вечерашниот дуел, а шанса од Илија Темелковски би требало да добијат играчите со помала минутажа. Натпреварот меѓу Македонија и Буркина Фасо започнува во 21 часот.


