Победничко загревање со Катар пред Мундијалот во Алжир

Младинската машка репрезентација на Македонија забележа победа на првиот од двата пријателски натпревари против селекцијата на Катар во Доха. Избраниците на Илија Темелковски славеа со 25:24, иако на полувремето имаа негатива од минус 3, 16:13. Горан Крстевски од седмерец го реализираше последниот гол на мечот што и донесе победа на Македонија

Димитар Димитриоски со 7 погодоци го заврши натпреварот како најпрецизен во нашиот тим, а особено впечатлив настап имаа и Талески, Кузмановски и Нелоски  со по 3 голови, додека Велковски даде 4. Крстевски имаше 2, а Палевски, Јагуриновски и Шилегов по 1 гол. Одличен меч имаше и Никола Даниловски на голот на нашата репрезентација.

Македонија утре ќе одигра уште еден подготвителен меч против Катарците, по што се враќа во Скопје каде ќе работи уште два дена пред заминувањето за Алжир на 16 јули.

Настапот на Светското Првенство, Македонија го почнува на 18 јули со дуел против Русија. Во групната фаза, нашите репрезентативци ќе се сретнат уште со Шпанија, Тунис, Бразил и Буркина Фасо. Четирите најдобропласирани селекции од групата, го продолжуваат натпреварувањето во елиминациската фаза.