Младинската репрезентација на Македонија ја очекува настапот на Мундијалот во Алжир. Ракометната јавност очекува одличен настап таму, со оглед на тоа што е последна шанса за генерацијата на Кузмановски, Нелоски и Талески да направат позабележителен успех.
Селекторото Илија Темелковски на голманската позиција ги има Никола Даниловски и Мартин Томовски, кои имаат одлична сезона зад себе во своите клубови. Томовски вели дека тој и неговите соиграчи се максимално подготвени за предизвикот.
„Тренинзите во Маврово се одвиваа одлично, имаме одлична атмосфера во репрезентацијата и физички добро сме подготвени. Имавме доволно време да одмориме и затоа максимално позитивни, концентрирани и мотивирани влеговме во овие подготовки, па немавме проблем да го сработиме тоа што ни беше зададено од селекторот. Утре одиме во Катар на две пријателски средби и ќе имаме добар тест пред Мундијалот. Немаме никакви сознанија за оваа селекција, но овие натпревари ќе ни служат да се воиграме подобро и да се тестираме против еден африкански противник.“ – изјави Томовски.
Мундијалот почнува на 18 јули, а Македонија е во група со Бразил, Русија, Шпанија, Тунис и Буркина Фасо.


