Македонија повторно ќе биде дел од светскиот шампионат во младинска конкуренција. Генерацијата на Талески, Нелоски и Кузмановски ќе се обиде во својот последен настап за младинската селекција да дојде до висок пласман, достоен за реномето на македонскиот ракомет.
Подготовките започнуваат денес, а младинците ќе престојуваат во Маврово до 6 јули. По еден слободен ден, избраниците на Илија Темелковски ќе ги продолжат тренинзите во Скопје, во спортската сала „Кале“ или „Автокоманда“. На 10 јули Македонија ќе замине за Катар каде ќе одигра две пријателски средби со африканската селекција. Потоа младинците повторно се враќаат во Скопје од каде на 16 јули ќе летнат кон Алжир на Светското младинско првенство кое се одржува од 18 до 30 јули.
„Во Маврово ќе останеме до 6 јули, потоа следува ден одмор, на 10 заминуваме во Катар на две контролни средби се враќаме на 13 во Скопје, од каде ќе заминеме за Алжир на 16 јули.“ – вели Илија Темелковски.
На репрезентацијата денес треба да и се приклучат Филип Кузмановски, Горан Крстевски и Дарио Петровски, а капитенот Филип Талески ќе ја комплетира младинската селекција во сабота.


