Проблеми за Македонија: Капитенот Талески нема да игра на Мундијалот во Алжир?

Капитенот на младинската репрезентација, Филип Талески најверојатно нема да биде дел од ростерот на Македонија, на претстојниот настап на Мундијалот во Алжир. Талески, кој е дел и од сениорската репрезентација, практично и да немаше одмор по завршувањето на сезоната во која стана шампион на Германија со Рајн Некар.

„Лавовите“ од Манхајм не се расположени да се лишат од неговите услуги за време на целите подготовки за следната сезона. Терминот за старт на подготовките на германскиот тим е 18 јули, а тој се поклопува со датумот на првиот натпревар на Мундијалот. Доколку Македонија игра во осминафиналето, или во натпреварите за пласман тоа би значело дека Талески ќе остане во Алжир околу дваесетина дена.

Со оглед на тоа што за Рајн Некар тоа е најважниот дел од подготовките тие не се подготвени да се откажат од услугите на играчот на кој ќе сметаат сериозно во следната сезона. Останува да видиме во следниот период дали раководството на РФМ ќе се обиде да направи „дил“ со германскиот клуб и дали Талески ќе биде дел од Мундијалот во Алжир.

Македонија е во група со Русија, Тунис, Шпанија, Буркина Фасо и Бразил на Мундијалот во Алжир, а оваа шанса е последна на генерацијата предводена од Талески, Кузмановски, Нелоски да направи некој резултат во младинска конкуренција.