Македонскиот шампион во женска конкуренција ЖРК Вардар, од наредната сезона најверојатно ќе биде посилен за српската интернационалка Драгана Цвијиќ. Според неофицијални информации управата на „црвено-црните“ и Цвијиќ ги усогласиле своите ставови и преостануваат само формалности кои би ја промовирале искусната ракометарка во дресот на Вардар.
Пивотменот на црногорскиот шампион, Будуќност не го продолжи договорот со двократниот освојувач на Лигата на шампионките и од јуни ќе им се приклучи на „црвено-црните“ во остварување на своите високи амбиции.
26 Годишната ракометарка во својата кариера настапувала за Црвена Звезда, Крим и Будуќност, а беше дел од националниот тим на Србија кој освои сребрен медал на Светското првенство 2013, кога беше прогласена за најдобар пивот во „ол-стар“ тимот на мундијалот. Драгана Цвијиќ своите квалитети ги докажува преку настапите во Лигата на шампионките. Во Будуќност пристигна како големо засилување во 2011 година, а веќе следната година со истиот тим го подигна трофејот во елитното натпреварување.
Минатата сезона во Лигата на шампионките пивотменот на Будуќност постигна 47 погодоци. Потписот на Цвијиќ ќе биде големо засилување за македонскиот првак, кој на таа позиција во моментов ги има германската интернационалка Ања Алтхаус и хрватската репрезентативка младата Андреа Човиќ.


