Репрезентацијата на Шпанија го освои турнирот во Ирун, во рамките на подготовките за Светското првенство во Франција. Избраниците на Жорди Рибера го совладаа светскиот вицепрвак во последниот трет дуел со резултат 32-27 (19-14).
Во двобојот на двајцата шпански селектори Рибера беше поуспешен од Ривера во последниот натпревар на подготвителниот турнир во Ирун, Шпанија. На овој мундијал Катар нема да смета на услугите на Жарко Марковиќ, затоа целиот товар треба да го понесе Капоте. Токму тој беше главниот играч на азијскиот првак во овој дуел. На спротивната страна Морос, Гвардиола и Гурбиндо ја предводеа одбраната, додека Душебаев, Ривера, Сармиенто и Агинагалде беа најефикасни во нападот. Шпанците имаа предност во текот на целиот меч, ја контролираа играта и на крај го совладаа Катар со 32-27.
Шпанија на турнирот во Ирун во првото коло ја совлада Полска со 30-20, во второто Аргентина 38-25, а во последниот ја совлада селекцијата на Катар со 32-27.
Шпанија на Светското првенство во Франција е во групата Б заедно со Македонија, Словенија, Исланд, Тунис и Ангола.


