Хрватска покажа како треба против Тунис

Еден од противниците на Македонија на СП во Франција, репрезентацијата на Тунис, по ремито во првиот дуел на „ХЕП Кроација Куп“ во Умаг со Црна Гора, 31:31, загуби од домаќинот Хрватска со убедливи 35:30.

На стартот Хрватска стигна до предност преку Штрлек, а Бугами израмни на 1:1. Потоа „каубојите“ направија добра разлика и поведоа со 5:3, па 6:4, а беше и 8:5. Тунижаните не се предаваа и успеаја со серија голови преку Теж и Буганми да дојдат до реми, 9:9. Сепак, избраниците на Бабиќ преку Јотиќ и Хорват ја вратија предноста, за 13:9, а на пауза се замина со 20:14.

Во вториот дел Хрватите уште повеќе се разиграа. Циндриќ, Степанчиќ и Козина внесоа нова свежина во играта и водството беше зголемено на 27:19, по што веќе немаше дилеми околу победникот. Сепак, тунижаните беа упорни и до крајот ја преполовија високата негатива  за конечни 35:30.

Најдобри во хрватскиот состав беа Штрлек и Мандалиниќ со 4 голови, додека Лука Циндриќ имаше 3 од 3. Кај Тунис, како и на дуелот со Црна Гора се истакна Усама Буганми со 9 голови, додека Саид имаше 5 од 5, а Жалуз постигна 3, исто колку и Банур.

Македонија ќе се соочи со Тунис во првото коло од Мундијалот на 12 јануари.