Иднината на ракометот е на Фарски Острови и во Буркина Фасо

Завршија европските квалификации за пласман на младинскиот Мундијал во Алжир. Македонската репрезентација во конкуренција на Полска, Португалија и Турција, беше најдобра во групата и обезбеди пласман по третпат во историјата на Светско Првенство.

По генерацијата на Кирил Лазаров, Наумче Мојсовски, Бранко Ангеловски, Иван Марковски, Ристо Калајџиоски, Благојче Крстев кои во 1997 година играа на СП предводени од Љубомир Савевски за играчи до 21 година во Турција и го освоија 15 место, и по генерацијата на Никола Митревски, Велко Маркоски, Дејан Пецаковски, Столе Стоилов кои играа под водство на Веселин Вујовиќ на СП во Македонија во 2007 година беа на 10. место, на ред се Филип Талески, Марко Нелоски, Мартин Велковски и Филип Кузмановски да докажат дека Македонија има добра ракометна иднина. Интересен е фактот што Македонија ја продолжи традицијата, на секои 10 години младинската селекција да игра на СП (1997, 2007 и 2017).

На Мундијалот ќе играат 24 репрезентации, распоредени во 4 групи по 6 селекции. Покрај Македонија, од европските квалификации место на Мундијалот обезбедија и Русија, Данска, Словенија, Исланд, Унгарија и можеби по малку изненадувачки Фарски Острови, кои покажаа дека нема аутсајдери и за првпат во историјата изборија пласман на големо натпреварување, откако на квалификациите во Торшавн, ги елиминираа Израел, Финска и Швајцарија. Од европскиот континент во Алжир ќе играат уште и Франција (светски кадетски првак), Шпанија (европски младински првак), Германија (европски младински вицепрвак), како и Хрватска и Норвешка кои беа четврто, односно петто место на младинското ЕП.

Од Африка директно ќе игра домаќинот Алжир, а тука се и  Тунис, Египет, како и Буркина Фасо Катар, Саудиска Арабија и Јужна Кореја се претставници на Азија, а Океанија ќе има еден претставник. Од Пан-Американскиот шампионат ќе ги дознаеме последните четири учесници на Мундијалот. Мечевите ќе се играат во главниот град Алжир, како и во Оран. „Асен Арша“ арената во Алжир собира 8.000 гледачи, додека „Ла Купол“ има капацитет од 15.000 гледачи. Во Оран „Палатата на спортовите“ собира вкупно 5.000 гледачи. Ждрепката ќе се одржи во април, а распоредот на шеширите ќе биде познат откако ќе се дознаат сите учесници на Мундијалот.