Шпанија се подготвува за СП: „Фуријата“ во вториот дел ја разби Полска

Еден од противниците на Македонија на претстојниот Мундијал, селекцијата на Шпанија, славеше против Полска со 30:20 на првиот натпревар од турнирот во Ирун. Иако полската репрезенатција е ослабена, сепак беше достоен противник во првиот дел, кој заврши нерешено 11:11.

Без „пензионираните“ Шмал, Биелецки, Лијевски, Бартош Јурецки, како и без повредените Микал Јурецки, Пјотр Вишомирски и Камил Шипжак, избраниците на Талант Душебаев успеваа да бидат рамноправни во првото полувреме.

По 11:11, во вториот дел Шпанија направија голема серија и се одлепи на 23:15, па веќе немаше назад за Полјаците. До крајот на дуелот уште повеќе се зголеми домашното водство до конечни 30:20. Најдобри кај „фуријата“ беа Валеро Ривера и Дани Сармиенто со по 6 голови, Кањелјас даде 2, додека Душебаев беше стрелец на 1 гол.

Шпанија ќе биде противник на Македонија на СП во Франција, а избраниците на Лино Червар ќе се соочат со неа на 17 јануари. Во групата Б се наоѓаат и Словенија, Тунис, Ангола и Исланд.