По убедливата победа над Полска со 31:22, младинската репрезентацијата на Македонија ремизираше со Португалија во второто коло од квалификацискиот турнир за пласман на Светското Првенство во Алжир, 21:21. По овој бод, гол разликата ќе биде таа што ќе го одлучи патникот на СП. Најпрво ќе мораме да го чекаме расплетот од дуелот меѓу Полска и Португалија, па по тоа ќе се знае колкава победа ни е потребна над Турција.
Натпреварот беше отворен на ист начин, како оној против Полска, со одбрана на противничкиот голман. Сепак и Португалците згрешија во првиот напад, па Нелоски погоди за 1:0, а по одбраната на Томовски Талески зголеми на 2:0. Најопасниот во противничката репрезентацијата, средниот бек Соареш погоди за 2:1. Предноста од еден до два гола разлика, македонските младинци ја одржуваа до 6:4, кога Португалија по нашите грешки во нападот направи серија од три голови и поведе со 6:7.

Тоа беше знак за Темелковски да бара тајм-аут, но и по него не се променија работите, бидејќи Талески згреши во нападот и Португалија стигна и до плус 3, 6:9. Беше 7:10, па 8:11 за портуалските ракометари, избраниците на Темелковски немаа идеја во нападот, а примаа голови дури и со играч помалку. Позитивата на Португалија се зголемуваше и на пауза се замина со резултат од 9:14.

Вториот дел го отвори Димитриоски со гол од пенал за намалување на предноста на 10:14, а потоа и Велковски стрелаше за 11:14. Серијата продолжи преку Палевски и Талески за 15:16, а Португалците веќе не беа така сигурни како во првиот дел. Талески еднаш избрза во нападот, а потоа „продадовме“ уште две топки и Португалија стигна до предност од 15:18. Беше и 16:19, но проработе одбраната и Томовски, а Талески, Арсеновски и Велковски израмнија на 19:19. Македонската серија продолжи и понатаму, Велковски погоди за 20:19, пред да биде исклучен и да биде досуден пенал за Португалија, кој Томовски го одбрани.
Со играч помалку, Горан Крстевски донесе плус 2, 21:19 на 4 минути до крајот. Салгадо стрелаше за 21:20, Португалците имаа и контра за реми но Томовски одбрани. Палевски не беше прецизен на спортивната страна од контранападот, па Португалија погоди од крило за 21:21. Младите ракометари постигнаа гол на 30 секунди до крајот, но судиите го поништија поради фаул во напад и остана време за Португалија да погоди, но не се снајдоа и дуелот заврши 21:21.

Најдобар во македонската репрезентација беше Талески со 6 голови, а Палевски и Велковски дадоа по 3. Кај Португалија се истакна одличниот среден бек Соареш со 5 голови. За Македонија останува да го одигра уште дуелот против Турција, утре со почеток во 14:30 часот, и со најдобра гол разлика од противниците да се пласира на СП.


