Червар: Имавме падови, но не сакам да бидам премногу строг или премногу задоволен

Македонската репрезентација ја почна годината во победнички ритам. Избраниците на Червар славеа над Босна и Херцеговина со 28:24 во игра со подеми и падови, но сепак можевме да видиме и неколку новитети во играта, кои селекторот сигурно ќе ги користи и на натпреварите од претстојниот Мундијал. Червар беше задоволен од пристапот на ракометарите на натпреварот со Босна и Херцеговина и ги пофали за борбеноста.

„Секоја победа е добредојдена, но мораме реално да ја гледаме состојбата. Денес настапивме со 21 играч, а така нема да биде на првенството, таму ќе играме со 16 ракометари. Имавме добар пристап и првите 15 минути игравме многу цврсто, иако пропуштивме да дадеме повеќе голови. Имавме падови, но не сакам да бидам премногу строг или премногу задоволен. Имаме грешки за исправување, но ќе се обидеме да го направиме тоа што поскоро. Шест на шест и седум на шест, ќе играме и на Мундијалот, не можам да кажам дека сум задоволен кога игравме со седум во поле, но да речеме дека ова беше солидно издание. Три клучни играчи утре настапуваат за младинската репрезентација и морав да ги штедам. Не е лесно да се игра со 21 играч и да се внимава да не се повреди некој од помладите. Одбраната функционираше одлично со Талески и Нелоски. Потоа имаше падови кои мора да претрпат критика. Дел од новите играчи дозволија да се примат лесни голови, играа индивидуално, а тоа на СП сигурно нема така да ни помине. Што се однесува до голманите, сите тројца беа добри. Не би сакал да ги спомнувам голманите во некоја негативна конотација, напротив.“ – изјави Лино Червар.

Македонија и Босна и Херцеговина ќе одиграа уште два натпревари, но тие ќе бидат затворени за јавноста.