Миркуловски: Задоволен сум, сите го дадовме максимумот

Македонија ја совлада Босна и Херцеговина со 28:24, во првиот пријателски натпревар во пресрет на Светското Првенство во Франција. Повратникот во националниот тим, Филип Миркуловски, беше еден од најдобрите поединци во составот на Лино Червар. Плејмејкерот на Вецлар е задоволен од своето и од изданието на репрезентативните колеги, но смета дека им се уште простор за корекција.

„Би требало да сме задоволни, игравме добри 20 минути во првото полувреме, водевме со седум или осум голови разлика. Сè уште сме малку тешки, имавме напорни тренинзи, имаме уште десетина дена да ни „легне“ сè. Нозете се тешки и кај мене и кај моите колеги. Верувам дека наскоро ќе ни бидат полесни и ќе ги правиме повеќе контри и полуконтри. Мислам дека ќе се справиме и со тие осцилации во играта бидејќи ова е сепак прв натпревар, има доста нови играчи. Лино ротираше доста што е и добро. Сите го дадоа својот максимум, треба да сме задоволни. Имаме добра иднина. Ни преостануваат уште десетина дена да се подготвиме и да започнеме со Тунис на СП.“ – смета повратникот во националниот дрес.

Македонија и Босна и Херцеговина ќе одиграат уште два пријателски натпревари, но тие ќе бидат затворени за јавноста.