Играа натпревар за сениорскиот тим на Македонија, и веднаш по триумфот над БиХ (28-24) тројцата младински репрезентативци Филип Талески, Марко Нелоски и Мартин Велковски останаа на паркетот во СЦ Кале.
Додека другите колеги од сениорскиот тим веќе заминаа во хотел, тројката го почнуваше вечерниот тренинг со младинската репрезентација. Не им пречеше што претходно веќе играа, туку подеднакво сериозно ги сфатија и тренингот под водство на Илија Темелковски.

Селекторот исто така беше на претходниот меч на сениорите на клупата, заедно со Лино Червар. Темелковски ќе ги води младите ракометари во уште една авантура, со надеж дека ќе успеат да ја остварат постигнатат цел. На мечот против БиХ, Нелоски и Талески постигнаа по еден гол.
Од утре до петок младинската репрезентација на Македонија ќе игра квалификации за пласман на СП. Турнирот се игра во СЦ Кале, каде покрај Македонија ќе настапат уште и репрезентациите на Полска, Португалија и Турција. Само најдобрата репрезентација ќе се пласира на завршниот турнир на СП.
Во првото коло утре (17,45) играме со Полска, на 5 јануари играме во истиот термин со Португалија, и на 6 јануари се среќаваме со Турција (14,30).



