Босна без Прце, Торомановиќ и Паниќ против Македонија

Единствен противник на репрезентацијата на Македонија во пријателските натпревари пред Светското Првенство во Франција, ќе биде селекцијата на Босна и Херцеговина, која во каков и да била состав, секогаш знаела да биде незгоден противник.

Селекторот Билал Шуман, иако на првичниот список имаше 24 ракометари и најави дека сите ќе играат, сепак во Скопје нема да ги гледаме левиот бек на Азоти Пулави кој игра во одлична форма, Никола Прце, потоа пикерот на Кретеј, Мухамед Торомановиќ, како и бекот на Шамбери, Марко Паниќ. Оваа акција ќе ја пропуштат и двајцата голмани, Небојша Граховац и екс вардарецот Марио Блажевиќ.

„Пред се сакам на лице место да се уверам во можностите на новите голмани. Сакам да видам до кај се, колку можат. Квалитетите на Граховац и Блажевиќ се добро познати. Ќе ги проверам Јарак и Павлак. Малиновиќ поради повреда не играше во квалификациите, па овие мечеви ќе бидат шанса да влезе во посакуваниот ритам. Прце и Торомановиќ ќе играат само на контролите со Саудиска Арабија и Бахреин, додека Паниќ само ќе тренира со нас, но нема да игра.“ – изјави Билал Шуман за босанските медиуми.