Репрезентацијата на Словенија ја совлада селекцијата на Саудиска Арабија со конечен резултат 31-18 во последниот контролен натпревар за составот на Веселин Вујовиќ во оваа година.
Натпреварот одигран во Брежице немаше натпреварувачки карактер, двете репрезентации како да ги штедеа своите сили и се чуваа од повреди па затоа и многу лесно домашните ракометари можеа своите напади да ги реализираат од линијата на шест метри. Наспроти препознатливата агресивна одбрана на азијскиот претставник кој требаше да биде одлична проверка пред Тунис, не видовме ништо освен пријателски натпревар кој на крај заврши со голема предност за словенечките ракометари, разлика која не го отслика веродостојно текот на натпреварот.
Веселин Вујовиќ на овој дуел не ги имаше на располагање Урош Зорман и Дејан Бомбач кои ќе го пропуштат и ракометниот мундијал, додека Матеј Габер и Вид Кафтичник ќе и се приклучат на селекцијата по празниците, за вториот дел од подготовките во Љубљана. Неизвесна е ситуацијата со Горазд Шкоф кој изразил желба да се повлече и да им отстапи место на помладите голмани. Тој ќе биде во Париз, а ако е потребно ќе и помогне на својата репрезентација во понатамошниот тек од мундијалот.
Сега пред словенечкиот селектор претстои период на поправки и усовршување на играта пред првиот натпревар во групната фаза во Мец против Ангола на 12 јануари. Словенија на Светското првенство во Франција ќе се натпреварува во иста група со Македонија, а ќе им се спротивстават и на Тунис, Шпанија, Исланд и Ангола. Првите четири селекции одат во следната фаза од натпреварувањето односно осминафиналето, додека последните две репрезентации од групата ќе учествуваат во Президент Купот.


