На помалку од две недели до почетокот на Светското ракометно првенство во Франција противниците на Македонија ги одработуваат последните подготовки. Списоците се кратат, се зголемува бројот на повредени играчи, а сите со нетрпение го очекуваат првиот пат кога ќе се спушти судиската рака во Мец.
Словенија денес го одигра првиот контролен натпревар против Саудиска Арабија, но во селекцијата на Веселин Вујовиќ недостасуваше искусниот голман Горазд Шкоф. Ракометарот на ПСЖ, повеќе нема да биде дел од репрезентацијата на Словенија откако во консултација со селекторот Вујовиќ одлучил своето место да го препушти на помладите. Така на местото на Шкоф за настап на мундијалот во Франција конкурираат Скок, Лесјак и Кастелиќ. Искусниот словенечки голман по новогодишните празници ќе се врати во својот клуб, а доколку е потребна неговата помош и искуство за време на турнирот во Франција ќе и се приклучи на словенечката селекција.
Во слична позиција е и македонскиот национален состав, кој во Франција ќе промовира нова голманска двојка, откако селекторот Червар го направи првиот рез и го изостави голманот на Барселона, Борко Ристовски од списокот на македонскиот национален тим. Затоа во плановите за Франција ќе бидат Колев, Митревски, Трајковски и Ѓорѓевски.
Македонија и Словенија ќе бидат во иста група на светскиот шампионат, a нивниот меѓусебен дуел е закажан за 16.01 со почеток во 17:45.


