Словенечкиот ракометен сојуз пред само една седмица најави дека за Светското ракометно првенство во Франција ќе може да смета на одличниот централен бек Дејан Бомбач, но според денешните официјални информации сепак ќе мора да се бара ново решение за пополнување на таа позиција.
Проблемите со напукнување на ребрата кај искусниот словенечки репрезентативец се посериозна повреда отколку првично се чинеше. Најавите од словенечкиот табор беа оптимистички, а пред една недела дури и официјално го најавија враќањето на централниот бек во репрезентацијата. Но желбите се едно, а вистинската состојба друго. Дејан Бомбач сè уште не е целосно закрепнат, а повредата на ребрата е доволно сензитивна за да не може да настапи во групната фаза од мундијалот. На барање на неговиот клуб, Дејан Бомбач по одморот за божиќните и новогодишните празници ќе се врати во Киелце каде ќе продолжи со рехабилитација и тренинзи за пролетниот дел од Лигата на шампионите.
Како што информираат од Словенечкиот ракометен сојуз, покрај Бомбач дополнителни проблеми словенечката репрезентација ќе има и заради отсуството на Вид Кавтичник и Матеј Габер кои поради настинка ќе ја пропуштат првата контролна средба на Словенија против Саудиска Арабија, закажана за 30 декември во Брежице.
Словенија, Светското првенство во Франција ќе го започне од група Б каде ќе се надигрува со Шпанија, Македонија, Исланд, Тунис и Ангола.


