Филип Талески ќе има „двојна“ програма во јануари, бидејќи ќе биде дел и од квалификациите за СП на младинската селекција, а ќе биде во ростерот и на сениорската селекција за Мундијалот во Франција. Левиот бек на Металург е задоволен од тоа како се одвиваат комбинираните подготовки на двете селекции во Маврово.
„Се приближува крајот на првиот дел од подготовките за СП, напорно е поради тоа што повеќе се работи на физичката подготвеност. Добро ги издржавме досегашните тренинзи, се надевам така ќе биде и последните неколку дена, по што во Скопје ни следува тактичката подготовка, по што ќе следуваат контролните натпревари, кои треба да ги одиграме на високо ниво. Оваа селекција е комбинација на искусни и млади ракометари, треба да не краси борбеноста. Преку контролните натпревари ќе видиме до каде сме стигнале на овие подготовки, а на што треба да се посвети повеќе внимание наредниот период. Мислам дека нема да ми биде тешко што ќе бидам дел од двете селекции, сакам да им помогнам на моите врсници и се надевам ќе се пласираме на СП. На оваа генерација за која велат дека јас сум лидер и недостасува пласман на вакво натпреварување кое ќе ни биде плус за мојата и за натамошните кариери на моите соиграчи.“ – изјави Талески.


