Во снежниот предел на Маврово, спортскиот комплекс на хотелот „Бистра“ овозможува одлични услови за првиот дел од подготовките на македонската ракометна репрезентација. Предизвикот наречен Светско првенство во Франција започнува за неполни три недели, а атмосферата во националниот состав е на високо ниво.
Заедно со сениорите во Маврово за својот ракометен испит се подготвуваат и младинците. Тие на почетокот на јануари ќе се обидат да обезбедат учество на Светското младинско првенство преку бараж турнирот кој ќе се одигра во Скопје.
Двете селекции веќе меѓусебно одиграа и еден натпревар, а поуспешни како што е редот беа постарите.
Во мирниот и идиличен дел од Маврово под раководната палка на селекторот Лино Червар и бројните ракометни експерти кои се дел од стручниот штаб, се работи под „полна пареа“. Реквизити, дополнителна опрема, посебен режим… сето тоа преточено во секојдневните тренинзи на двете репрезентации. Младинците се надеваат на нивниот прв мундијал, а сениорите да отидат чекор понапред од осминафиналната фаза.
[gallery_bank type=”images” format=”masonry” title=”false” desc=”false” responsive=”true” display=”all” sort_by=”pic_id” special_effect=”none” animation_effect=”fadeIn” album_title=”false” album_id=”103″]


