„Министерот“ остана без фотелја, Червар со „свежа крв“ во Франција

За неполни два месеци македонската ракометна репрезентација ќе настапи на петтиот ракометен мундијал. Под раководство на новиот македонски селектор Лино Червар кој ќе има шанса повторно да се врати на големите натпреварувања како кормилар на една репрезентација, Македонија ќе се обиде да ја мине групната фаза во тешката група Б против Шпанија, Словенија, Исланд, Тунис и Ангола. Бројните медали и победи запишани зад името на искусниот хрватски стратег го опишуваат делото на еден од најголемите балкански тренери. Токму затоа визијата за нова Македонија која ја проектираше Червар значи патоказ и нов правец по кој треба да се движи ракометот во Македонија.

Една од клучните одлуки за ова светско првенство е промена на голманскиот тандем. Наместо Борко Ристовски и Златко Даскаловски кои бранеа во квалификациите за ЕП2018, селекторот се одлучи за Колев (Пелистер), Ѓорѓевски (Вардар Јуниор), Митревски (Бенфика, Пол) и Трајковски (Охрид 2013).

ЛИНО ЧЕРВАР, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА:

Не би сакал оние кои не се тука во списокот за ова Светско првенство да мислат дека се послаби играчи тоа се играчи кои јас ги почитувам, дел од нив играат во познати клубови во Европа. Тоа се играчи кои играле за Македонија една деценија некои и повеќе… Можеби тие еден ден треба да се приклучат кон репрезентацијата на некој начин. Имаат големи заслуги во репрезентацијата, во 2012 дел од нив учествуваа во освојувањето на 5то место на Европското првенство, живееја сон, сон наречен квалификациски циклус за Шведска, но не успеаа, сонот се повтори и во Гданск но повторно не успеаа. Бевте сведоци дека не беше лесно потоа. По два месеци од дебаклот против Тунис е тешко да најдеш мотив. Низ четирите натпревари (н.з. бараж за СП и квалификации за ЕП) против Чешка и Украина јас го видов тоа кај некои играчи. Затоа оваа одлука да изоставам дел од нив е емотивна и тешка, но во соработка со РФМ морав да направам рез.

Меѓу имињата кои не се најдоа на поширокиот список покрај Борко Ристовски, немаше место ниту за Немања Прибак, Ацо Јоновски и Златко Даскаловски како дел од оние ракометари кои според селекторот повеќе не можат да придонесат за националниот тим. Иако повеќе од јасно е дека најслаба алка во репрезентацијата изминативе три години е голманската позиција, а потребата за менување нужно зло, отсуството на искусниот поранешен репрезентативец беше во фокусот на новинарските прашања.

Го почитувам Борко, тој бранеше во Рајн Некар Левен, сега во Барселона. Затоа потенцитрав дека ако го нема во репрезентација не значи дека е лош ракометар, но сметам дека е од оние кои се емотивно потрошени. Тоа го видов низ четирите натпревари во квалификациите за ЕП и баражот за Светското првенство. Некој мораше да повлече потег, нешто мораше да се промени.-одговори селекторот на новинарско прашање за статусот на поранешниот репрезентативец.

Повредата на Филип Кузмановски ги помати математиките околу конечниот состав кој требаше да патува во Мец кон средината на јануари, затоа повторно во репрезентацијата е повикан еден од клучните ракометари во националниот тим, Филип Миркуловски.