Каде и како ќе се одвиваат подготовките на македонската репрезентација за СП

Јануари ќе биде богат ракометен месец, во кој машката младинска и сениорска репрезентација ќе имаат свој настап на големата сцена. Младите македонски ракометари се борат за пласман на Светско Првенство, додека сениорите ќе настапат мундијалот во Франија.

На неполни два месеци до почетокот на нов ракометен предизвик за македонските репрезентативци, спортскиот директор Милчо Чакаревски, го соопшти планот на подготовки за двете репрезентации. Подготовките ќе се одвиваат во две фази, првата ќе биде во период од 20ти до 30ти декември и ќе се одржи во Маврово.

Во Маврово, ќе тренираат и младинците, а на располагање ќе го имаат комплетниот стручен штаб на А-селекцијата составен од два кондициони тренери, двајца тренери на голманите, и уште неколку помошници и соработници. Потоа следуваат два дена пауза, на 31 декември и 1 јануари, а од 2 јануари започнува вториот дел од подготовките. Тие ќе се одвиваат во спортскиот центар „Кале“, а предвидено е да се одиграат три подготвителни натпревари против репрезентацијата на Босна и Херцеговина. Додека македонската младинска репрезентација ќе го игра квалификацискиот турнир за пласман на Светско Првенство, на 3ти јануари А-селекцијата ќе го одигра единствениот дуел со Босна и Херцеговина отворен за македонската јавност, останатите два на 4ти и 5ти ќе бидат од затворен тип.

Ќе се тренира до 8ми јануари кога ќе биде соопштен конечниот список на патници за Франција. На 10ти јануари Македонија ќе замине за Мец од Софија, а преку Виена и Луксембург. Според првичните планови, веќе на 11ти јануари во Мец, македонската селекција треба да го одржи првиот тренинг пред дуелот со Тунис кој на програмата е наредниот ден.