Австрија подготвена за квалификациите: Соња Фреј и Катрин Енгел, најголема опасност по голот на Македонија

Женската репрезентација на Македонија се подготвува за настап на квалификацискиот турнир за пласман во баражот за СП во Франција, кој претстојниот викенд ќе се одржи на Фарски Острови. Противници на избраничките на Симе Симовски се домашната селекција, Австрија и Исланд, а двете првопласирани репрезентации одат во баражот за СП.

Прв противник на Македонија ќе биде домашната селекција веќе в петок, потоа следува Австрија и на крајот Исланд. Фарски Острови нема голема традиција кога е во прашање женскиот репрезентативен ракомет, но штом се пријавија за организација на група, сигурно дека не се без амбиции и победата не треба да биде запишана предвреме.

Австрија минатиот викенд играше на турнир во Чешка, но избраничките на Херберт Милер ги загубија сите три дуели. Прво од домаќинот Чешка со 26:25, потоа од Норвешка Б со 24:21 и на крајот од Србија со 31:28. Најдобри ракометарки на Австрија на овие три средби, очекувано беа левото крило Соња Фреј која даде вкупно 25 голови, како и искусната Катрин Енгел, која беше втор стрелец. Посебно внимание, избраничките на Симе Симовски, би требало да обрнат и на младите Мартина Горичанец, Стефани Каисер и Кристина Логвин, која е клупска колешка во Молде со Ивана Гакидова, додека голманката Петра Блажек игра заедно со Андреа Белеска во Валчеа.

Исланд, како и Македонија не играше контролни средби пред овие квалификации, а нивните последни средби беа во октомври кога загубија од Шведска со шест голови, 33:23, додека ја победија Словачка со 26:25. Нивните најопасни ракометарки, пикерот Арна Палсдотир и средниот бек Карен Кнудстодир, кои играат во Ница под водство на македонскиот тренер Марјан Колев, ќе бидат во составот и ќе бидат најголема опасност кон голот на Серафимова и Петковска. Секако не смее да се занемари и најискусната Ракел Брагадотир.