Еден од најдобрите млади македонски ракометари, Филип Талески својата ракометна кариера ќе ја продолжи во Германија. Новата дестинација на левиот бек многу веројатно ќе биде германскиот првак Рајн Некар Ловен. Големо признание за младиот талент на македонскиот ракомет кое треба да се реализира до 2018 година.
Тој викендов беше во Манхајм каде имал средба со челниците на клубот, а непосредно пред враќањето во Скопје истакна дека во наредниве денови ќе бидат познати повеќе детали околу евентуалниот договор.
Веќе подолг период германскиот клуб покажува интерес за македонскиот ракометар, но до сега конкретна понуда не била доставена до управата на Металург чии член е Филип Талески.
Рајн Некар Ловен бил заинтересиран за услугите на младиот бек од 2018 година, сепак проблемите со кои се соочува по изненадувачката одлука на шведскиот интернационалец Егдал Де Риц за предвремено раскинување на договорот, не им оставија многу опции на челниците на клубот. Филип Талески со составот на Лино Червар има активен договор до 2018 година, затоа сè уште нема официјална потврда за тоа дали е постигнат договор меѓу двете страни и од кога Талески ќе ги промени клупските бои.
Македонскиот вицепрвак сè уште нема конкретна понуда за обештетување кое треба да го плати управата на будеслигашот ако сака да смета на услугите на младиот бек, затоа не е јасно на кој начин Талески би заминал на полусезоната или на крајот на оваа натпреварувачка сезона.
Контактите се остварени, желба постои кај германците и македонскиот репрезентативец, единствено преостанува дозвола од неговиот матичен клуб, Металург или да се почека истекот на неговиот договор со тимот од Автокоманда во 2018 година кога Талески би бил слободен играч.


