Сите играат ракомет: Маргуч ја спаси Словенија, Унгарија се извлече од бездна во Холандија, Франција едвај со Белгија

Словенечката репрезентација со гол во последните секунди од пенал на Маргуч одигра нерешено 26:26, на незгодното гостување во Лисабон кај Португалија, во натпреварот од второто коло на квалификациите за пласман на ЕП во Хрватска за две години.

Во првиот дел двете селекции се менуваа во водството, но на пауза се замина со предност за Словенија од 11:9. Во второто полувреме, во повеќе наврати избраниците водеа со плус 3, а последен пат во 54 минута со голот на Благотиншек за 24:21. Тогаш тргна серијата од 4:0 на домашните за 25:24 со голот на Переира, а потоа водеа и со 26:25, пред двете селекции да промашат по еден напад. Поради груб прекршок Антунес доби црвен картон на три секунди до крајот, а Маргуч со голот од пенал за 26:26, донесе бод за Словенците.

Унгарија победи на гостувањето во Хертогенбош кај Холандија со минимални 28:27, иако беше во подредена позиција цел натпревар, а во еден момент губеше и со шест разлика, 22:16. Со серија од 9:3, со голот на Гулјаш, Унгарците стигнаа до 25:25. Потоа беше и 26:26, па 27:27, а победничкиот гол беше дело на Мате Лекаи во 59 минута за 28:27, иако домашните го имаа последните напад но не погодија.

Франција во натпревар со 75 голови, 38:37, славеше над Белгија на гостувањето во Лиеж. Иако домашните водеа на пауза со 19:17, сепак искусните гости знаеја како да направат пресврт во вториот дел и да запишат нова победа. Кентин мае со 11 голови беше најдобар кај „триколорите“, додека Нгесан даде 8, а кај домашните се истакна Кедзиора со 8 голови.

Данска оствари нова победа на гостувањето во Латвија со 36:23. Најдобри кај скандинавската селекција беа Ласе сван и Ласе Андерсон со по 7 голови, додека Павлович даде 5 за Латвија. Изненадување приреди и селекцијата на Литванија, која славеше над Норвешка со 32:29. Бернатонис беше предводеник на домашниот напад со 8 голови, додека Кристијан Бјорнсен со 9 беше најдобар во норвешката селекција.

Фото: rokometna zveza slovenija