Унгарскиот вицепрвак Ѓер останува 100% откако вечерва во Ауди Арената пред домашна публика го совлада составот на ЦСМ Букурешт, актуелен првак во Лигата на шампионките со високи 33-25. Ова е втора победа против истиот противник во две недели откако Ѓер замина од Букурешт триумфално со резултат 24-27.
Гостинскиот тим имаше одличен почеток на натпреварот во Унгарија и двата погодока предност ги зачува во поголемиот дел од првото полувреме. Дури 20 минути беа потребни за составот на Амброш Мартин да го изедначи резлутатот, а веќе во следната минута одличната Морк го донесе првото водство за составот на Ѓер(9-8) по воведните 1-0. Но радоста на домаќините траеше кратко, со два гола во низа ракометарките на ЦСМ Букурешт ја вратија минималната предност и ја задржаа до самиот крај на полувремето. Кармен Мартин стави точка на првите триесет минути за конечни 11-13.

Предноста на гостинските ракометарки продолжи и во воведот на вториот дел, се до 39та минута кога Морк со свое мини шоу за прв пат го одведе Ѓер на два разлика. Но гостинските ракометарки не дозволија комплетна доминација на унгарките, постојано ги следеа во чекор и до 47-та минута имаа само еден гол негатива.Тука започна доминацијата на Ѓер. Како и во сите претходни дуели оваа сезона Ѓер покажа дека е најсилен во самиот финиш. Грот со два погодока во низа им овозможи на ракометарките до Ѓер повеќе простор за игра, на спротивната страна романските ракометарки грешеа во обид бргу да го достигнат водството на противникот, голманката Кис беше на висина на задачата и сето тоа значеше огромна разлика во корист на Ѓер за конечни 33-25.
Најпрецизна во составот на Ѓер беше Морк со 11 погодоци, Брош постигна пет, додека Аморим беше стрелец на четири голови. Кај ЦСМ Букурешт, Ниомбла постигна седум голови, а Мехмедовиќ ја следеше со шест. По четири одиграни кола Ѓер убедливо води на табелата во група C со осум бодови, а овој пораз го чинеше ЦСМ Букурешт пад од најмалку едно место на табелата во пресрет на дуелот меѓу Митјеланд и Ростов.


