Во вториот натпревар од квалификациите за пласман на ЕП во Хрватска во 2018 година, Македонија ќе гостува во Плзен, кај селекцијата на Чешка. Гостување од кое секогаш македонските ракометари се враќале со пораз (само едно реми досега). Домаќинот загуби минимално на гостувањето кај Исланд и ќе бара шанса да ги запише првите бодови против Лазаров и компанија. Чесите посакуваат одмазда за елиминацијата во баражот за СП. Левото крило на Татран и на Чешка, Јакуб Хрстка очекува полна сала во Плзен и победа над Македонија.
„Лошо е кога ќе се загуби минимално. Не смее да ги повториме истите грешки на дуелот со Македонија. Одбраната ни беше добра против Исланд, посебно голманот Мрква. Ги познаваме добро Македонците, често играме едни против други, па ако сакаме победа, техничките грешки мора да бидат сведени на минимум. Македонија има неколку европски ѕвезди и навивачите може да очекуваат одличен натпревар. Се надевам дека полната сала ќе не води до победа.“ – изјави Хрстка.


