Македонскиот вицепрвак нема да може да смета на средниот бек Немања Младеновиќ најмалку до март 2017 година. По повредата на рамото на тренинг пред неполни три недели, денес во Скопје му беше извршен хируршки зафат по кој го очекува долга пауза. Кај Младеновиќ е утврдена дислокација на клучната коска на левото рамо, а операцијата ја изведе д-р Боро Илиев. Се очекува Младеновиќ да паузира околу три месеци и да му се приклучи на тимот во втората половина од сезоната.
“Операцијата мина во најдобар ред и јас одлично се чувствувам. За жал, ме чека тримесечна пауза, но јас се надевам дека ќе успеам максимално да го скратам рокот и подготвен да ги дочекам сите предизвици во вториот дел од сезоната“, изјави за нашиот сајт Младеновиќ.
Младеновиќ беше еден од клучните ракометари во играта на Металург, па многу веројатно е дека управата на клубот ќе бара соодветна замена.


