Македонската ракометна репрезентација ја обезбеди првата победа во квалификациите за Европското првенство 2018, откако вечерва пред домашната публика во „Борис Трајковски“ ја совлада репрезентацијата на Украина со резултат 27-21.

Првото полувреме помина во изедначена борба, до 9-та минута гостите имаа предност од два погодока (2-4 9′), но Македонија до 14-та минута го изедначи резултатот, а веднаш потоа Манасков украдната топка ја претвори во ново водство на Македонија од 6-5. Талески минута подоцна ги постави највисоките два погодока разлика, предност која домашните ракометари до 19-та минута ја дуплираа за 11-7. Се што можеше да направи противникот е да го намали водството до два погодока, но првиот дел Македонија го заврши со предност од 13-10.

Во вториот дел Лазаров преку удар од пенал повторно ја врати најголемата предност, која во 48-та минута достигна до највисоки +5 за 22-17. Сепак украинците не дозволија, составот на Червар предвреме да се радува на првата победа и неизвесноста ја врати со два погодока во низа. Но тоа беше последниот потег на украинскиот стратег, во продолжение македонската репрезентација преку Манасков се врати на највисоки пет голови, а во последната минута имаа шанса и да ја зголемат. Кирил Лазаров со својот 12-ти гол ги постави највисоките шест погодоци предност (26-20), Козакевич од пенал го намали ре3зултатот, а Кузмановски стави точка на овој дуел за конечни 27-21.
Најпрецизен во домашниот состав беше Кирил Лазаров со 12 погодоци, додека Манасков со 6 и Талески со 3 ја комплетираа листата најдобри стрелци. Кај гостите Жуков и Козакевич беше стрелец на 4 голови, а Садовји и Денисов постигнаа по три голови.
Веќе во сабота од 14:30 минути Македонија во рамките на второто коло од квалификациите за Европското првенство и гостува на Чешка во Плзен.ко


