Вујо го менува Сабате во Веспрем?

Според угледниот црногорски весник „Вјиести“, поранешниот тренер на Вардар и Загреб својот нов клупски предизвик ќе го бара во Унгарија. Според весникот, Веселин Вујовиќ веќе ги договорил сите детали околу трансферот во ракометниот гигант Веспрем.

Вујовиќ имаше лош почеток на сезоната со својот ППД Загреб, па затоа во заеднички договор со управата на клубот реши да ја напушти тренерската функција. Во меѓувреме тој го продолжи договорот со ракометната федерација на Словенија, каде останува селектор до 2020 година.

По заминувањето на Ортега од унгарскиот првак, клубот го водеше неговиот долгогодишен помошник Хавиер Сабате, но звучните имиња и индивидуалниот квалитет не им донесе титула во Лигата на шампионите иако во последните десет минути од финалето Веспрем влезе со девет голови предност.

Сепак Сабате не само што остана на клупата на Веспрем туку беше назначен за селектор на унгарската репрезентација.

Лошиот почеток на сезоната во Лигата на шампионите(две нерешени и еден пораз од Барселона) и загубените бодови од Вардар во СЕХА лигата кулминираа со пораз на Веспрем во домашното првенство од ПИК Сегед што го запали црвеното светло кај управата на клубот.

Според информациите на црногорскиот весник, официјалната промоција е одложена за една седмица односно по паузата за репрезентативни обрски, а причината е едноставна, да не се наруши атмосферата во унгарската репрезентација пред дуелите со Летонија и Холандија.