Амбициозниот битолски суперлигаш, Еурофарм Работник, најверојатно ќе ги засили своите редови со искусниот поранешен репрезентативец на Македонија, Лазо Мајнов. Откако Ренато Вугринец, побарал повеќе од тоа што битолчани биле спремни да му понудат, нема да има ништо од камбекот на популарниот Вуги во Македонија.
Затоа беше активиран „планот Б“. Лазо Мајнов ова лето по три сезони ја напушти Романија и Одорхеи и имаше комбинации да замине во Катар. Десниот бек имаше уште неколку понуди, како од Романија, така и од Унгарија.
Ниту еден од тие трансфери не се случи, па Мајнов дури размислуваше и за крај на кариерата, но сепак ќе продолжи да игра во Битола. Еурофарм Работник по доаѓањето на спонзорот е решен да се бори за втората позиција во шампионатот, а искуството на Мајнов и тоа како ќе биде добредојдено за составот на Зарков и Марковски.
Мајнов има големо интернационално искуство и освен за Одорхеи, настапуваше и за Загреб, Мешков Брест, Елверум и Болоња, а на домашна сцена ги носеше дресовите на Вардар и Металург.


