Ниту Червар, ниту Вујовиќ, ниту Обрван, ниту Сердарушиќ, Жељко Бабиќ останува на кормилото на Хрватска!

На неполни три месеци до почетокот на Светското првенство во Франција, Хрватскиот ракометен сојуз преку нивниот координатор на машките репрезентации потврди дека Жељко Бабиќ останува на позицијата селектор на машката сениорска репрезентација. Челните луѓе на хрватскиот ракомет јавно го критикуваа старо новиот селектор откако Олимписките игри во Рио, „каубоите“ ги завршија во четвртфиналето со пораз од Полска. Хрватска беше единствената репрезентација која им нанесе пораз на актуелните освојувачи на олимпискиот турнир(Данска) во групната фаза, но беа запрени од составот на Душебаев. Тука започнаа јавните критики и незадоволство од разни експерти, новинари и медиуми, по што Жељко Бабиќ се одлучи да поднесе неотповиклива оставка.

Се шпекулираше со имиња на новиот селектор, во текстовите се споменуваа Веселин Вујовиќ, Лино Червар, Нока Сердарушиќ… Челниците на хрватскиот сојуз заедно со нивниот мецена претседателот на ППД Загреб беа во Скопје и се сретнаа со македонскиот селектор, што само ги подгреа шпекулациите околу интересот за македонскиот „изборник“, но велат секое чудо за три дена. Во интервју за угледниот балкански спортски весник „Спортске новости“, координаторот на сите машки селекции во Хрватска, Ивано Балиќ говореше за периодот по олимписките игри и одлуката на сојузот околу продолжување на довербата со стариот селектор. Балиќ потенцираше дека немало никакви контакти со други стручни лица и тренери околу евентуално превземање на хрватската клупа, а се одлучиле да му дозволат на Бабиќ да го одработи овој циклус до крај со оглед на тоа што резултатите не се потполно разочарувачки.

Сè уште се чека одговор и од старо-новиот селектор Жељко Бабиќ, кој пред неполн месец со јавно писмо наменето за Хрватскиот ракометен сојуз се прости од функцијата селектор. Но според изјавата на легендарниот ракометар денес, се чини дека се гледа крајот на селекторската сага во Хрватска.