Организаторот на Светското првенство во машка конкуренција, Франција, се потруди преку рекламната кампања и несекојдневниот пристап да ја промовира својата земја и да даде слика за тоа што сè ги очекува љубителите на ракометот во јануари. Па така работите започнаа да се загреваат со промоција на маскотите Рок и Колет, кои се појавија на сите можни спортски настапи во Франција, потоа беше претставена официјалната песна и изведувачот, за да продолжи со експедиција која го искачи мундијалскиот трофејот на највисокиот врв во Франција.
Но ова Светско првенство ќе биде посебно и по нешто друго. За прв пат женски судиски пар ќе биде дел од машкиот ракометен собир на најдобрите светски репрезентации. Домаќините ќе ја имаат честа да бидат претставени преку два судиски пара, а меѓу нив се наоѓаат и сестрите Бонавентура. Француските сестри близначки веќе суделе натпревари во машкото првенство на Франција и за нив ова нема да биде новина, но секако ќе биде за сите ракометни фанови и ракометари на теренот.
Џули и Шарлот Бонавентура имаат висока репутација кога во прашање е женскиот ракомет, во своето портфолио ги имаат запишано финалните натпревари од Олимписките игри, Светските и Европските првенства, Лигата на шампионките… Но покрај сите достигнувања тие ќе бидат запаметени и по тоа што дозволија игра во која седум ракометари му помагаа на својот голман да го одбрани голот, токму во натпревар од машката ракометна втора лига во Франција.
На натпреварот меѓу Шарт и Валанс, во последните секунди од првото полувреме, францускиот судиски пар Бонавентура дозволија едната екипа да има седум ракометари на теренот, а потоа и во блокот при изведување на последниот удар од девет метри. Тоа остана незабележано и од записничката маса, па затоа казните наместо на ракометарите им беа поделени на официјалните лица по натпреварот.
Без разлика на сè настапот на еден ракометен мундијал во машка конкуренција секако ќе биде историски за близначките Бонавентура, кои досега суделе на неколку машки турнири во помладите категории, како и на Олимписките игри, а ќе бидат првиот женски судиски пар кој ќе ја дели правдата на едно Светско ракометно првенство за мажи.


