Прв Норвежанец во Македонија: Стегавик пред потпис со Пролет?

Норвешкиот интернационалец Стефен Стегавик, најверојатно ќе биде нов ракометар на тимот предводен од Илија Темелковски, Тинекс Пролет. Норвешкиот интернационалец е сопруг на Камила Херем, која игра во Вардар, па уште пред неколку месеци, кога таа потпиша за првакот, почнаа шпекулациите дека и Стегавик „во пакет“ со неа ќе се пресели во Македонија.

Станува збор за искусен плејмејкер, кој беше предводник на составот на норвешки Елверум, но во моментов двата најголеми клубови во Македонија, Вардар и Металург немаат потреба од неговите услуги, па втора опција за него се другите скопски тимови. Работнички игра со младинска екипа откако се соочи со намалување на буџетот кон крајот на минатата сезона, вторите тимови на Вардар и Металург имаат своја концепција со млади ракометари од сопствените школи, па останува амбициозниот Тинекс Пролет како најсоодветна опција.

Стегавик е поранешен ракометар на Елверум, а има играно и за многу други норвешки клубови како Рап, Малвик, Драмен, Колстад и Хеимдал. Пред две сезони го имаше и првото интернационално искуство, во романскиот тим Баја Маре.

segavik-3

Дали Пролет ќе го добие првиот норвешки интернационалец?

Стегавик беше во спортската сала „Македонско Сонце“ и во друштво на Херем и поранешниот македонски репрезентативец и ракометар на Елверум, Лазо Мајнов, го следеа мечот меѓу Тинекс Пролет и Металург 2. Тука повторно се отвори прашањето околу неговата следна дестинација, а доби потврда кога норвежанецот започна да тренира со составот на Илија Темелковски.

segavik

Стефен Стегавик- Попладневниот тренинг на Пролет

Од Тинекс Пролет истакнуваат дека се во преговори со норвешкиот интернационалец, но сè уште не се дефинирани деталите. Стегавик во ракометните кругови важи за скап играч, а дали ќе се доближат ставовите меѓу управата и ракометарот и дали за прв пат еден норвешки ракометар ќе настапи за македонски тим ќе покаже периодот кој следува.