Модерен ритам за новото Светско ракометно првенство

Неколку месеци не делат од најголемиот светски настан кога во прашање е ракометот. Франција ќе биде домаќин на најквалитетните репрезентации во светот, а организаторот има желба да се приближи барем малку кон стандардите кои ги постави организацискиот одбор на СП во Катар 2015 година. Ако Катарците ангажираа бројни музички ѕвезди од земјите учеснички да ја испеат песната на турнирот, овојпат Франција ќе се претстави со нешто домашно и модерно.

За официјална песна на 25-то Светско првенство во ракомет е одбрана песната Лордли (Lordly) на познатиот француски диџеј Федер. Песната која треба да ја подигне атмосферата на шампионатот ќе биде употребена за сите најави, џинглови и церемонии како и при влезот на ракометарите на терен пред секој натпревар. Еден од најпопуларните диџеи во светот, Федер лично е инволвиран во огранизацискиот комитет за претстојното првенство и ќе биде присутен на официјалната прес-конференција пред почетокот на СП, која ќе се одржи на 15 септември во Париз.

Токму Федер ќе биде центарот на церемонијата на свеченото отворање која ќе се одржи пред натпреварот меѓу Франција и Бразил на 11 јануари.

 „Кога ме повикаа од организацискиот комитет и ми ја презентираа идејата, не се двоумев во ниту еден момент. Тие сакаат да се вклучам во целиот проект не само за време на свеченото отворање.Тоа и најмногу ми се допадна. Настанот е интернационален, и многу важен за мене. Навистина сум возбуден поради оваа соработка.“- истакна францускиот музичар откако беше презентирана музичката подлога за новиот Светски шампионат.

ФОТО: Летиција де Моталемберт (Laetitia de Montalembert)